Воспоставена нова авиолинија – Охрид преку Истанбул ќе се поврзе со цела Европа и со светот

Со првиот лет на турската авиокомпанија  „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул до Охрид денеска свечено е означен стартот на нововоспоставената авионска линија.

Летовите од Истанбул – Охрид ќе се реализираат четири пати седмично и тоа во понеделник, четврток, петок и недела. Турската авикомпанија за оваа линија ќе користи авиони „Ербас А321“, „Боинг 737-800“ и „Боинг 737-900“ од својата флота.

Според надлежните, оваа нова линија ќе значи многу за развојот на туризмот, но и за развој на економијата.

Од денеска е воспоставена новата и најважна авионска линија Охрид-Истанбул со која Охрид преку Истанбул ќе го поврземе со цела Европа и со светот, истака вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на воведувањето на новата авиолинија Охрид-Истанбул.

“Ова е комплетно нова димензија за охридскиот аеродром и целосно нов развој на охридскиот аеродром. Најголемата светска авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ воведува директна линија, четири пати неделно со најголемиот аеродром во Европа, аеродромот во Истанбул, што многу ќе значи за бројот на патници и не само за туризмот туку и за редовното патување, затоа што аеродромот во Истанбул е со најмногу конектинг летови во Европа. Познавам луѓе кои веќе имаат купено карти од Торонто за Охрид или од Вашингтон за Охрид затоа што преку Истанбул со конектинг летови ќе можат да дојдат во Охрид. Ова ќе помогне да се развиваат туризимот, бизнисот, комуникациите“, рече Николоски.

Првите патници од Истанбул на охридскиот аеродром беа пречеани од премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“, Серкан Каптан, главниот извршен директор на „Туркиш ерлајнс“ Билал Екси и турскиот амбасадор Фатих Улусој.