
Европските и американските берзански индекси денеска се главно намалени бидејќи најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека од 2 април ќе воведе царини од 25 отсто на сите автомобили произведени надвор од САД, продолжува да ги тресе азиските, европските и американските пазари.
Акциите на најголемите азиски производители на автомобили паднаа втор ден по ред. Вредноста на акциите на јапонската Тојота падна за 4,53 отсто, на Хонда за 4,88 отсто. Nissan за 3,9 отсто.
Јужнокорејската Kia Motors, која има фабрика во Мексико, падна за 2,66 отсто, а Hyundai Motors за 3,53 отсто, објави CNBC.
Инвеститорите во европските акции денеска ги очекуваат и податоците за инфлациските очекувања во еврозоната, кои ќе бидат објавени во 11:00 часот.
Франкфуртската берза DAX денеска во 9:30 часот падна на 22.541,29 поени, францускиот CAC 40 на 7.951,32 поени, московскиот MOEX на 3.066,62 поени, додека британскиот FTSE 100 се искачи на 8.671,04 поени.
Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones падна на 42.299,70 поени пред отворањето на берзите во САД денеска, индексот S&P 500 на 5.693,31 поени, а вредноста на Nasdaq индексот на 17.804,03 поени.
Според сегашните берзански податоци, цената на суровата нафта падна на 69.639 долари, а на нафтата од типот брент на 73.730 долари.
Европските фјучерси на гас за април на отворањето на берзата ТТФ се тргуваа по 41,3 евра за мегават-час.
Цената на златото порасна на 3.074,44 долари за унца, а на пченицата падна на 5,2418 долари за бушел (бушел е 27,216 кг).
Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Forex изнесува 1,07904, што е приближно исто како во четвртокот.











