Фармацевтските компании лобираат за постепено воведување на американските царини

Фармацевтските компании лобираат кај американскиот претседател Доналд Трамп постепено да воведува царини за увезените фармацевтски производи, надевајќи се дека тоа ќе го намали нивното економско влијание и ќе добие време за преместување на производството, покажуваат информациите од различни извори запознаени со преговорите.

Трамп во среда треба да го претстави големиот тарифен план. Тој во неделата рече дека реципрочните царини што има намера да ги воведе ќе ги опфатат сите земји, а не само групата од 10 до 15 земји со најголем трговски дефицит со САД, пренесува Ројтерс.

Тој навести и дека наскоро ќе објави царини за фармацевтската индустрија, која досега беше поштедена од претходните трговски војни, откако веќе воведе мерки против другите сектори. Четирите извори, кои зборуваа под услов да останат анонимни поради доверливоста на разговорите меѓу администрацијата и индустријата, рекоа дека Трамп најверојатно нема да објави конкретни детали за фармацевтските тарифи во среда.

Сепак, големите мултинационални фармацевтски компании сега очекуваат САД да воведат царини за медицински производи. Нивната главна надеж е дека ќе успеат да обезбедат постепено зголемување на царините до најавените 25 проценти, наместо таа стапка веднаш да се имплементира.

„Идејата за постепено зголемување на тарифите, еден вид градација, доаѓа од фармацевтската индустрија“, вели еден од изворите. Три од четирите извори, како и дополнителен соговорник запознаен со преговорите, наведуваат дека Трамп во среда би можел да објави студија за тоа како овие индустриски тарифи би можеле да се применат.

Големите фармацевтски компании имаат глобални производствени капацитети, главно во САД, Европа и Азија, а преместувањето на најголемиот дел од производството во Америка бара огромни инвестиции. Индустриската организација PhRMA истакнува дека потребни се меѓу пет и 10 години и околу 2 милијарди долари за да се изгради нова производствена фабрика во САД, делумно поради сложените регулаторни барања.