
Минатата година, трета година по ред, бројот на продажби на недвижности на словенечкиот пазар на недвижности падна, а цените продолжија да растат. Геодетската управа на Република Словенија (ГУРС) намалувањето го препишува на прогнозите на Владата за оданочување на недвижностите.
Според податоците на ГУРС, растот на цените на станбените недвижности и земјиштето за нивна изградба минатата година не бил толку изразен како во рекордната 2022 година, но сепак е релативно висок. На национално ниво цените на станбените згради се зголемени за девет отсто, становите во повеќестанбени згради за десет отсто, а на земјиштето за изградба на станбени згради за 17 отсто, пишува SEEbiz.
Според оваа пресметка, просечната цена на стан во повеќестанбени згради на национално ниво лани изнесувала 2.920 евра за метар квадратен, што е за 310 евра повеќе од претходната година. Во исто време, просечната цена на продадените станови во Љубљана се зголеми за рекордни 500 евра за метар квадратен и надмина 4.500 евра за метар квадратен.
Просечната цена на една куќа со нејзиното земјиште лани била 165.000 евра, што е за 24.000 евра повеќе од претходната година. Просечната големина на продадените куќи била 161 квадратен метар, а просечната големина на земјиштето 700 метри квадратни. Во Љубљана за куќа со пропратно земјиште требаше да се платат во просек по 405.000 евра.
Бројот на пазарни продажби на станови во повеќестанбени згради во Словенија минатата година е намален за 15 до 20 отсто, а продажбата на станбени куќи за 10 до 15 отсто, се вели во извештајот за словенечкиот пазар на недвижности за 2024 година, што Геодетската управа го објави на својата веб-страница.
Врз основа на сеуште привремениот број на евидентирани продажби за 2024 година, се проценува дека минатата година во Словенија се продадени околу 7.000 станови во повеќестанбени згради и околу 5.000 станбени куќи, со вкупна вредност од нешто помала од 1,7 милијарди евра. Според неофицијални податоци, минатата година во Словенија биле склучени 24.000 до 25.000 договори за купопродажба на недвижен имот во вкупна вредност од 2,5 до 2,6 милијарди евра.
Намалувањето на бројот на трансакции во геодетската управа, меѓу другото, го припишуваат на најавите на Владата за оданочување на недвижностите во вид на станбени недвижности и ограничување на краткотрајните закупи на недвижностите, а уште повеќе на континуираниот висок раст на цените, кој ја ограничува достапноста на недвижностите на поширок дел од населението.
Се проценува дека минатата година биле продадени околу 4.600 парцели за изградба на објекти, со вкупна површина од околу 470 хектари. Ова е трета година по ред како се намалува бројот на продажби на градежно земјиште. Бројот на продажби на градежно земјиште лани бил за 20 отсто помал од претходната година, а е помал од 2021 година за повеќе од 45 отсто.
Пазарот со станови во Целје беше најактивен минатата година. Следуваат Крањ и неговата околина, северната околина на Љубљана, а потоа и Марибор. Пазарот на домување традиционално е најмалку активен во Засавје.











