Секоја десетта продавница во Австрија веќе не прима готовина

Секоја десетта продавница во Австрија повеќе не прифаќа банкноти или монети, покажуваат податоците од извештајот на Народната банка.

Иако готовината останува многу популарна кај Австријците, сè повеќе продавници се одлучуваат за безготовинско плаќање, поради што Народната банка најавува мерки.

Пред пет години уделот на продавниците кои не примаат готовина беше шест отсто, но оттогаш на касите сè почесто може да се прочита „не примаме готовина“.

Според сегашните правила тоа е дозволено, но Народната банка бара заострување на обврската за прифаќање готовина.

„Сè повеќе компании не ја почитуваат слободата на избор на потрошувачот“, критикуваше директорот на Народната банка, Едуард Шок.

Здружението на трговци укажува дека безготовинското плаќање е побрзо и исто така го олеснува сметководството.

Освен тоа, многумина се откажуваат од „кеш“ поради ризикот од кражба.