Што велат најпаметните луѓе во светот на економијата и финансиите за царините на Трамп

Економистите и експертите се загрижени за потенцијалната загуба на профитот, инфлацијата и забавувањето на економскиот раст

Се очекува просечното американско семејство да губи меѓу 1.700 и 5.000 долари годишно поради тарифите

Претседателот Доналд Трамп во средата го прогласи „Денот на ослободувањето“ и најави воведување сеопфатни царини, што предизвика бура од реакции на светските пазари.

Еве како на оваа одлука реагираа највлијателните луѓе од светот на економијата и бизнисот:

Business Roundtable

Џошуа Болтен, извршен директор на здружението на повеќе од 200 директори на американски компании, предупреди дека царините може сериозно да им наштетат на американските производители, работници, семејства и извозници. Тој го повика Трамп да воведе дополнителни исклучоци и да обезбеди транспарентен и предвидлив систем за ослободување од царини.

Лери Самерс, поранешен министер за финансии на САД:

„Никогаш досега еден час претседателска реторика не чини толку многу луѓе. Загубата од оваа тарифна политика се проценува на дури 30 трилиони долари.

Мохамед Ел-Ериан, поранешен извршен директор на PIMCO и главен економски советник на Allianz:

„Реакцијата на пазарот на царините на Трамп покажува сериозна загриженост за глобалниот економски раст.

Маријана Мазукато, професор по економија на Универзитетскиот колеџ во Лондон:

„Овие царини ќе предизвикаат инфлација и ќе ја намалат куповната моќ на американските работници. Се проценува дека просечниот американски дом ќе изгуби меѓу 1.700 и 5.000 долари.

Боаз Вајнштајн, основач на фондот Саба Капитал:

„Не очекувам Трамп да го смени курсот. Ова не е можност да се купува надолу, туку да се продава.

Дејвид Розенберг, основач на Rosenberg Research:

„Нарекувањето на оваа политика „Направи ја Америка повторно богата“ е погрешно – треба да биде „Направи го светот сиромашен, па купи го евтино“.

Нуриел Рубини, почесен професор на NYU:

„Името „Ден на ослободувањето“ е чиста орвеловска двосмисленост. Ова не е ослободување за потрошувачите, ниту за работниците, ниту за бизнисите – ниту во САД, ниту во светот“.

Пол Кругман, добитник на Нобеловата награда:

„Ако се надевавте дека Трамп ќе се повлече, оваа објава треба да ве разубеди.

Џаред Бернштајн, поранешен главен економист:

„САД се силна економија и помалку зависни од трговијата, но тоа не значи дека е мудро да се влезе во трговска војна со партнери како Канада, Јапонија или ЕУ“.

Џастин Волферс, професор на Универзитетот во Мичиген:

„Овие тарифи се деструктивни, контрадикторни, засновани на измислени тврдења и погрешни теории. Тие најмногу ќе ги погодат американските работници.

Дерил Ферведер, главен економист во Redfin:

„Поради обемот на овие тарифи очекувам пораст на инфлацијата и забавување, па дури и пад на економскиот раст. Заедно со веќе постоечките проблеми во градежниот сектор и недостигот на работна сила, се очекува и пад на станбената изградба.

Бил Грос, ко-основач на PIMCO:

„Ова е настан еднаков на крајот на златниот стандард во 1971 година. Трамп нема да отстапи. Тој е „мачо човек“ и нема да попушти само затоа што Nasdaq падна за 5%.

Стивен Блиц, главен економист на ТС Ломбард:

„Тарифите директно ги погодија профитите на американските корпорации. Ерата на профити кои растат побрзо од БДП е завршена. Нестабилноста на пазарот дополнително се зголемува бидејќи странскиот капитал се движи од САД до таму каде што гледа подобар потенцијал.

Буџетската лабораторија Јеил проценува дека сите тарифи воведени до 2025 година ќе ги зголемат цените за 2,3% на краток рок, што би можело да го чини просечното американско семејство 3.800 долари. Семејствата со најниски приходи ќе губат во просек по 1.700 долари годишно.

(Бизнис инсајдер)

Фото: Pixabay