Голдман Сакс: Веројатноста за рецесија во САД 45 проценти

Голдман Сакс ја зголеми веројатноста за американска рецесија на 45 отсто во следните 12 месеци, придружувајќи им се на другите инвестициски банки кои ги ревидираа своите прогнози поради зголемените стравувања од трговска војна предизвикана од огромните царини наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп.

Оваа проценка е зголемена од претходните 35 отсто, по наглото заострување на финансиските услови и зголемување на неизвесноста во економската политика, што, според Goldman Sachs, најверојатно ќе ги намали капиталните инвестиции повеќе отколку што претходно предвидуваа, пренесува Reuters.

Другите големи инвестициски банки, исто така, ги зголемија проценките за ризикот од рецесија минатата недела, Ј.П. Морган сега ја гледа веројатноста за рецесија во САД и на глобално ниво на 60 проценти.

Минатиот месец, Голдман Сакс ја зголеми својата проценка за ризикот од рецесија во САД од 20 на 35 отсто, посочувајќи дека економските основи веќе не се толку силни како во претходните години.

Во нивното основно сценарио без рецесија, економистите на Голдман Сакс велат дека очекуваат Федералните резерви да започнат циклус од три последователни „превентивни“ намалувања на каматните стапки од 25 базични точки, почнувајќи од јуни (тие претходно прогнозираа јули), што ќе ја намали референтната стапка на 3,5-3,75 проценти. Во случај на рецесија, тие предвидуваат дека ФЕД ќе ги намали стапките за околу 200 базични поени во текот на следната година.

Фото: Pixabay