Пауел рече дека ФЕД нема да брза со намалување на каматните стапки

Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел изјави дека во сегашната ситуација на неизвесност, додека ниту ФЕД, ниту остатокот од светот не знаат во која насока ја води економијата американскиот претседател Доналд Трамп, не е време за интервенција на централната банка со цел да се спаси пазарот што паѓа.

ФЕД не брза да ги намали каматните стапки, иако буџетите на домаќинствата се намалуваат, а реалните ризици за економската активност растат, нагласи Пауел.

„Има многу чекање и гледање, и се чувствува како правилна одлука во време на зголемена неизвесност“, рече Пауел, јасно ставајќи до знаење дека ФЕД нема брзо да ги намали каматните стапки освен ако не постои јасна причина за итен одговор, пренесува Ројтерс.

Податоците објавени во петокот покажаа дека вработувањата останаа силни во март, иако Пауел истакна дека тие бројки биле собрани пред објавувањето на тарифите од страна на Трамп. „Во моментов не е јасно кој е вистинскиот пат за монетарната политика. Ќе треба да почекаме и да видиме како ќе се развиваат работите“, рече претседателот на ФЕД.

Движењето на цените на акциите може да влијае на економијата преку промени во богатството на домаќинствата и очекувањата на потрошувачите, но првите неколку недели од мандатот на Трамп донесоа толку многу хаос и конфликтни сигнали дека ФЕД е во парализа. Во сегашната состојба на неизвесност, Пауел рече дека не е време за „Fed put“, термин на Волстрит за интервенција на централната банка за да се спасат пазарите додека акциите паѓаат.

Фото: Pixabay