Кина: Царините на САД се економска „злоупотреба“

Заканите и притисоците не се соодветен начин за справување со Кина, изјави денес гласноговорникот на кинеското Министерство за надворешни работи, окарактеризирајќи ги давачките воведени од американскиот претседател Доналд Трамп кон Кина како навредливи.

Царините се „типичен унилатерализам и протекционизам, економска злоупотреба“, рече Лин Џијан за време на стандардна прес-конференција.

Тој додаде дека американските царини во име на реципроцитет, всушност, им служат само на САД на штета на други држави.

Минатата недела Трамп воведе нови царини од 34 проценти на кинескиот увоз, како дел од мерките што ги воведе кон повеќето американски трговски партнери. Ова го зголеми вкупното ниво на царини за кинески стоки на 54 отсто, а Пекинг одговори со контрамерки. Лин го пренасочи прашањето за потенцијалните преговори со САД на други кинески владини тела.

„Американската злоупотреба со царините ги лишува земјите, особено оние на глобалниот југ, од нивното право на развој“, рече Лин, укажувајќи на сè поголемата нееднаквост меѓу богатите и сиромашните во секоја земја и посебното влијание на царините врз посиромашните држави.

Сите земји треба да се држат до консултации, заедничко одлучување и „вистинска мултилатералност“, рече портпаролот. Тој ги повика земјите заеднички да се спротивстават на сите форми на унилатерализам и протекционизам и да го заштитат меѓународниот систем и мултилатералната трговија засновани на вредностите на Обединетите нации и Светската здравствена организација.

Фото: Pixabay