Таен состанок на шефовите на најголемите банки во светот

Главните оперативни директори на некои од најголемите светски банки остварија тајни дискусии во врска со продлабочувањето на кризата на финансиските берзи и веројатните последици за светската економија, која беше разбранувана од трговската офанзива на претседателот Доналд Трамп.

Како што пренесува Скај Њуз,  директорите на големи финансиски институции, како што се Bank of America, Barclays, Citi и HSBC Holdings, учествуваа на заеднички конференциски повик, во кој разговараа за зголемената несигурност на берзите, додека падот на вредноста на акциите ги засили стравувањата од нова глобална рецесија.

Според извори, поканата била организирана од Институтот за банкарска политика, организација со седиште во Вашингтон која се занимава со финансиска регулатива и јавна политика.

Меѓу оние кои присуствуваа на повикот беа Брајан Мојнихан (Bank of America), ЦС Венкатакришнан (Barclays) и Жорж Елхедери (HSBC), а според информациите на функционер од странска банка, им се приклучиле и претставници на Цеј Пи Морган.

Претседателот и извршен директор на Џеј Пи Морган, Џејми Дајмон, во своето годишно писмо до акционерите, денеска предупреди на инфлаторните притисоци и заканата од рецесија како директна последица на трговската војна.

Еден извор изјави дека целта на разговорите е да им се овозможи на американските банкари да ги претстават своите ставови за ситуацијата пред меѓународните колеги и да ја споделат загриженоста за ескалацијата на царинскиот конфликт. Во меѓувреме, акциите на водечките банки ширум светот бележат значителни загуби поради големите берзански потреси.

Британската министерка за финансии Рејчел Ривс наводно е во постојан контакт со директорите на водечките британски банки, како и со гувернерот на Банката на Англија.

Фото:Pixabay