Цената на нафтата „брент“ би можела да падне под 40 долари за барел

Цената на нафтата „брент“ би можела да падне под 40 долари за барел, а ваквото сценарио е можно, иако се смета за „екстремно“, според проценката на аналитичарите на банката Голдман Сакс.

„Во поекстремен и помалку веројатен случај, кога има забавување на растот на глобалниот БДП и ОПЕК целосно се повлекува од договорот за намалување на производството, што негативно би влијаело на понудата на земјите кои не се членки на ОПЕК, очекуваме цената на нафтата Брент да падне под 40 долари за барел до крајот на 2026 година“, се вели во анализата на банката, пренесува Блумберг.

Голдман Сакс претходно ја намали прогнозата за просечните цени на нафтата за 2026 година за четири долари за барел. Според новите проценки, просечната годишна цена на нафтата брент ќе изнесува 58 долари, додека американската нафта WTI ќе биде 55 долари за барел.

Цената на нафтата брент падна од 75 на под 65 долари за барел само во последната недела. Инвеститорите реагираат на воведувањето на увозните царини што ги најави Доналд Трамп за стоки од 185 земји, што може да предизвика глобална трговска војна и потенцијална рецесија во САД.

Аналитичарите на Goldman Sachs ја проценуваат веројатноста за рецесија во САД на 45 проценти.

Фото: Pixabay