
Рej Далио, основач на Бриџвотер, најголемиот хеџ фонд во светот, вели дека паузата на Трамп на тарифите е „чекор назад од полошиот начин“ за справување со трговскиот дисбаланс. Тој ја повика Белата куќа да иницира заемно корисни преговори со Кина.
Вчера Трамп најави пауза од 90 дена од царините за повеќето земји, но увозот од Кина сè уште е оптоварен со царина од 104 отсто.
Во објава на социјалната мрежа Х, Далио истакна дека сега е „одлично време за сите вклучени страни да ги преиспитаат своите пристапи“ за справување со трговските односи со САД, притоа признавајќи дека Америка има реални трговски тешкотии.„Постојат подобри и полоши начини за справување со проблемите како неодржливиот долг и трговскиот дисбаланс, а одлуката на Трамп да се повлече од полошиот пристап и да влезе во преговори е многу подобар начин“, рече Далио.
This is a great time for all involved to reconsider their approaches! There are better and worse ways of handling our problems with unsustainable debt and imbalances, and President Trump’s decision to step back from a worse way and negotiate how to deal with these imbalances is…
— Ray Dalio (@RayDalio) April 10, 2025
„Се надевам и очекувам дека ќе го сторат истото со Кина, вклучително и преговарање за договор што ќе го зајакне официјалниот кинески јуан во однос на доларот, така што Кина ќе продава средства деноминирани во долари, а истовремено ќе ја олесни фискалната и монетарната политика за да ја стимулира домашната побарувачка. Тоа ќе биде win-win за двете страни“.
„Потребни се структурни промени во фискалната политика на САД“
Во интервју за CNBC еден ден претходно, Далио рече дека се согласува со Трамп дека САД имаат проблем со трговските односи, но дека е загрижен за користење на широките царини како решение.
„На овој или оној начин, ќе мора да има големи промени во долгот и во монетарната политика за да се решат проблемите со долгот, трговијата и протокот на капитал“, изјави вчера Далио.
Според неговото мислење, следниот чекор на администрацијата треба да биде намалување на буџетскиот дефицит на САД на 3 отсто од БДП.
Далио со години предупредува на растечкиот јавен долг на САД. На минатомесечниот настан на CNBC Converge Live, тој изјави дека САД имаат сериозен проблем со понудата и побарувачката на долг, наведувајќи дека Америка „мора да продаде износ на долг што светот повеќе не сака да го купи“.
Буџетскиот дефицит на САД претходно оваа година надмина 1 трилион долари.
„Гарантирам дека во одреден момент ќе има нов, уште полош шок на пазарот“
Волстрит порасна вчера откако Трамп го одложи воведувањето на реципрочни царини, пресврт што следеше по глобалната распродажба на пазарите на акции и обврзници.
Далио рече дека непредвидливата трговска политика на Трамп претставува можност за инвеститорите повторно да ја проценат нивната изложеност на ризик.
„Ова е одличен момент за инвеститорите кои беа шокирани и исплашени од неодамнешните настани, и оние кои допрва ќе дојдат, да размислат како ги структурираат своите портфолија за да избегнат прекумерни ризици“, рече тој.
„Можам да гарантирам дека во одреден момент ќе има уште еден, уште полош пазарен шок“.