Едно од најважните прашања од кои зависи квалитетот на нашиот живот е прашањето: Подготвен ли си да се менуваш?
Од одговорот на ова прашање (но не само теоретски, туку и проверено во пракса), всушност зависат многу исходи во нашите животни ситуации.
Чарлс Дарвин анализирајќи го животот на земјината топка мудро заклучил: “Од праисторијата до денес, на платената не опстанале физички најсилните животински видови, туку оние кои успеале да се прилагодат на новите услови”. Тој јасно ни нагласил што е она што е неопходно за да преживееме и да успееме – постојано да се менуваме, да учиме, да развиваме нови начини на однесување, да се стекнуваме со нови вештини, да ја следиме околината и да развиваме способности да живееме успешно во неа. Јасно како бел ден, нели?
Јасно е, …но и покрај тоа што е јасно, прашањето е дали сме подготвени да го превземе ризикот наречен – личен развој и менување?
Според моја слободна (истражувачки непотврдена) проценка, одговорот за еден поголем дел од популацијата на нашето општество е НЕ, НЕ СЕ ПОДГОТВЕНИ! Сметам дека постои многу мал процент од луѓето кои вистински учат, се развиваат и менуваат.
И сега јас нема да почнам да ги обвинувам и судам оние кои влегуваат во оваа група (како што тоа обично се случува), бидејќи тие тоа сигурно не го прават по свој избор, туку ќе се обидам да ги пронајдам дел од причините за оваа појава.
Најздравата логика кој секој од нас треба да ја развие е: ТОА КАДЕ СМЕ ДЕНЕС ЗАВИСИ ОД ТОА ШТО СМЕ ГО ПРАВЕЛЕ ВЧЕРА, ТОА КАДЕ ЌЕ БИДЕМЕ УТРЕ ЗАВИСИ ОД ТОА ШТО ЌЕ ПРАВИМЕ ДЕНЕС! Лично верувам дека секое однесување си има свои причини и со самото откривање на причините ние сме на пола пат (ако не и на повеќе од пола пат) до решението на проблемот.
Што сме научиле т.е. не сме научиле вчера?
Секогаш кога се обидувам да ја најдам причината за нечие однесување, веднаш својот поглед го фокусирам кон минатото, во овој случај кон семејството и образованието. И кога ќе погледнеме таму што можеме да видиме? Многу примери кои имаат една заедничка порака: ЗАБРАНА ЗА ПРАВАЊЕ ГРЕШКИ!
Во поголемиот број случаи за секоја грешка по дифолт ни следува казна (во форма на физичко, вербално или психичко насилство) која треба да нѐ поттикне кон промената. Нели последиците (т.е. казните) треба да бидат главните двигатели кои не тераат да учиме и да се менуваме. Но, правејќи ја оваа анализа доаѓаме до една апсурдна ситуација, т.е. дека затвореноста за учење е всушност научена лекција. А таа лекцијата, која повеќете ја имаат извлечено од своето минато е: ВНИМАВАЈ ДА НЕ ЗГРЕШИШ, ТОА ПРАВИ ДА БИДЕШ КАЗНЕТ! И кога вака ќе ги погледеме работите, ќе видиме дека не е точно дека луѓето всушност не учат, туку дека тие научиле лекција која го намалува интензитот на понатамошно учење. Кога премногу внимаваме да не згрешиме, се намалува бројот на обиди, а без обиди, без ризик од грешки, нема лекции.
Но, дали проблемот е во присуството на казната или во нешто друго?
Сега некој ќе рече, па како ќе учиме ако нема последица, казната мора да биде присутна. Прво, мораме да разбереме дека казната има свое вистинско име – корективна мерка. А, второ и најважно е дека во суштина под каменот наречен опасност од казна лежи вистинскиот проблем, тоа е недостатокот на процес на рефлексија за да се увиди причината за постапката со која не сме ја постигнале посакуваната цел (т.е. сме направиле грешка). Ако сум направил грешка, пример во разговор со наставничката во школо сум манифестирал некултурно однесување (сум го повишил тонот, сум ја прекинувал и сум ја напуштил училницита со трескање на вратата), во ред е да следува последица, но ако недостасува разговор за да се увидат причините за мојата грешка, многу e веројатно или грешката да ја повторам или да престам да влегувам во било каков дијалог, што пак е целосно погрешна лекција. ПРЕБРЗОТО ИЗРЕКУВАЊЕ НА КАЗНА нѐ учи да престанеме да правиме одредено однесување без да извлечеме мудра лекција и да го промениме нашето однесување.
Сумирано, НЕДОСТАТОКОТ НА РЕФЛЕКСИЈА ЗА ПРИЧИНИТЕ ЗА ГРЕШКАТА е причината поради која луѓето престануваат да се менуваат и да учат.
Токму внимателно направената рефлексија ќе ни помогне да ги согледаме околностите и контекстот во кои е направена грешката и ќе ни помогне да ја донесеме најмудра одлука т.е. извлечеме најсоодветната лекција. Во конкретниот пример со наставничката, можеби ние сме биле целосно во право во дискусијата, но затвореноста и агоранцијата на наставничката биле една од причините поради кои сме го изгубиле трпението. Тоа секако не ја оправдува нашата постапка, но лекцијата може да биде сосема различна од таа “да не се бориме за нашето право и вистина кога има некој кој има поголема формално моќ”, туку “кога зборуваме со луѓе кои имаат одредена формална позиција мораме да бидеме свесни за нивниот формален авторитет и да не се спротиставуваме директно туку да ги бараме соодветените начини да докажеме дека сме во право”. Тоа може да направи драстични промени во нашиот иден живот и дејствување!
Мораме да сфатиме дека е потребно секогаш да се обидуваме да ги лоцираме причините за резултатот кој сме го добиле. Има едно одлично прашање кое секогаш е тука да ни помогне: ЗОШТО? Тоа е прашањето кое ќе ни помогне да влеземе подлабоко во причините и да креираме најсоодветно решение.
Каква врска има сето ова со бизнис светот?
На крајот, со оглед дека колумната се објавува на бизнис портал, ќе ги истакнам поентите кои се важни за сите претприемачи и менаџери.
Во последните децении науката за менаџментот ја има согледано ситуацијата за која погоре зборував. Најсовремен тренд во развојот на организациите е креирање на внатрешен организациски циклус на учење т.е. креирање на организации кои учат. Најсилната одлика на овие организации е што низ своето работење тие покрај мерењето на резултатите, констатирањето на постигнувањето или непостигнувањето на поставените цели и таргети, доделувањето на награди и казни, успеаваат да извлекуваат лекции, успеваат да ги согледаат причините (претходните превземени или непревземени чекори) кои довеле до сегашната состојба. Во секоја бизнис компанија која сака да биде успешна и да се справува со секојдневните промени во окружувањето мора да се имплементира систем за учење. Важноста на имплемнтацијата на овој механизам за организациско учење и развој се отсликува и низ фактот дека токму тие организации успеаја да ја преживеат (а дел од нив и да забележат забележителен раст) за време на последната светска економска криза. Тоа што се случи со финансиската криза, само ја потврди изјавата на Дарвин. Учењето, развивањето и менувањето е клучот за понатамошниот опстанок и успех.
Вториот аспект кој сакам да го истакнам е клучната важност од соодветната анализа/рефлексија која секој лидер и менаџер треба да ја реализира со своите луѓе пред да пристапи кон изрекување на било каква корективна или поттикнувачка мерка на вработените. Од исклучителна важност е пред секоја казна вработениот да стане свесен за однесувањето и постапката која довела до (не)посакуваниот резултат, потоа да ја прифати својата одговорност, па да стане свесен за причините за постапката и на крај да креира нов пристап со кој ќе се осигура дека грешката нема да се повтори или во обратен случај ќе осигура дека ќе го повтори однесувањето кое е посакувано и носи одлични релултати. Во недостаток на овој процес се случува вработениот да биде награден или казнет, но ефектот да не е оној кој менаџментот го очекува, т.е. вработениот многу брзо да го смени однесувањето. Најголемите причини за овој ефект е токму недостатокот на соодветена рефлексија пред изрекување на мерките за корекција или охрабрување.
И тука може да навлеземе и да изанализираме зошто се случува овој ефект т.е. зошто менаџерите не успеваат да ја одработат рефлексијата најуспешно, кои се замките во кои свесно или несвесно паѓаат … но подучен од дел од реакциите на читателите на претходната колумна (дека претходната колумна била малку подолга) одлучувам т.е. УЧАМ ОД ИСКУСТВО 🙂 и велам доста е! Нека остане нешто и за следниот пат! 😉
Драги виртуелни пријатели,
ви посакувам убав и внатрешно топол декември.
Тоа е одличен месец за рефлексија на годината која помина
и учење на лекции од сѐ што се случило низ 2013
…и секако за подготовки за новогодишните празници!
Поминете си убаво.
До следно читање, среќно!
Фото: Pixabay