
Јужна Кореја и Виетнам изјавија дека се договориле за тесна соработка, по објавувањето на американските тарифи, кои претставуваат сериозен проблем и за економиите и за фирмите како „Самсунг Електроникс“ (Samsung Electronics) со значајни вложувања во Виетнам.
Виетнамското Министерство за надворешни работи соопшти дека двете држави работат на зголемување на билатералната размена на 150 милијарди долари и одржување на сличен трговски однос.
“На мултилатерално ниво, двете страни се согласија да продолжат тесно да се координираат и меѓусебно да се поддржуваат во решавањето на меѓународните и регионалните прашања од заеднички интерес”, стои во извештајот на виетнамското министерство.
Јужнокорејските претпријатија, предводени од гиганти како „Самсунг Електроникс“, со години развиваат присуство во Виетнам, бидејќи трошоците за производство во Кина се зголемија заедно со политичките несигурности и конкуренцијата.
“Самсунг” во Виетнам произведува повеќе од 60 проценти од своите мобилни телефони пласирани низ светот, а тоа сега е загрозено од давачките воведени од американскиот претседател Доналд Трамп.