ЕУ станува трговски магнет: По американските царини сите гледаат кон Брисел

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, вчера изјави дека сè повеќе земји во светот сакаат да склучат трговски договори со ЕУ, наведувајќи дека тоа е „позитивен несакан ефект“ откако американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми тарифите за стоките увезени во САД.

Фон дер Лајен изјави за германскиот весник Цајт дека „Европа е целосно будна“ за можностите за „нов светски поредок“.

– Во моментов водам голем број разговори со шефови на држави и влади ширум светот кои сакаат да работат заедно со нас на новиот поредок – изјави Фон дер Лејен.

Таа посочи дека не се работи само за економски врски, туку и за воспоставување заеднички правила и предвидливост.

„Сега мораме да го искористиме овој моментум за да отвориме нови пазари за нашите компании и да воспоставиме што е можно поблиски односи со многу земји кои имаат исти интереси како нас“, рече Фон дер Лејен.

Откако беа воведени новите американски царини на 2 април, бран на несигурност ја зафати трансатлантската трговија, при што ЕУ бара нови начини за продлабочување на врските со другите големи економии, како што е кинеската, објави Политико.