Официјално доделени наградите „Златно тркало 2025“

Вчеравечер во ресторанот Рагуза 360 свечено беа доделени наградите од петтото издание на изборот за најпосакуван автомобил во Македонија „Златно тркало“.

Во категоријата најпосакуван семеен автомобил со 27 проценти од гласовите е избран Opel GRANDLAND.

Во категоријата најпосакуван градски автомобил со 24 проценти од гласовите е избран GEELY COOLRAY.

Во категоријата најпосакуван електрифициран автомобил со 30 проценти од гласовите е избран PEUGEOT 3008.

Во категоријата најпосакуван премиум автомобил со 35 проценти од гласовите е избран Audi A5.

Главната награда за најпосакуван автомобил во Македонија за 2024 година замина кај Cupra FORMENTOR, кој освои 39 проценти од гласовите.

Плакетата ја предаде сопственикот на Авто плус, Влатко Кошевалиски, а наградата ја прими Др. Златко Муцунски, генерален директор на Порше Македонија.

И оваа година се додели признание, плакета што ја добиваат Македонци кои оставиле белег во автомобилската индустрија во светот, а ја ставаат нашата држава на глобалната мапа. Признанието годинава му припадна на Филип Аначковски, кој повеќе години е дел од тимот на Римац автомобили и е одговорен за производство на хајпер автомобили во Бугати Римац.

Гласањето за Златно тркало почна на 15 март и траеше до крајот на месецот, а право на глас во сите пет категории имаа сите граѓани со пристап до интернет и на социјалните мрежи. Автомобилските ентузијасти можеа да изберат меѓу 20 автомобили, а од досега рекордни 30.600 гласови беа изгласани победниците.

Во однос на процесот на номинација, медиумите кои исклучиво функционираат на интернет и на социјалните мрежи формираат листа на нови автомобилски модели презентирани на македонскиот пазар во период од една година (од 1 март во тековната година до 1 март следната година). По поминувањето на првиот филтер, се избираат моделите кои ќе ги номинираат овластените импортери, поделени во категории.

Златно тркало претставува уникатен начин за избор на најпосакуваниот автомобил кај нас. Изборот е инициран од најстариот автомобилски медиум Авто Плус кој оваа година одбележува 32 години постоење, а организатори и презентери на моделите се CARclub, Cars by Vik, RPM.mk и БизнисИнфо.

Златно тркало станува сѐ пореномирана и попопуларна манифестација, благодарение на заедничкиот ангажман и професионалната организација, како и транспарентниот процес на избор.