Европа по железничка поврзаност: Кој доминира, а каде е Македонија?

Европските земји се разликуваат значително по должината на своите железнички мрежи, што влијае на нивната транспортна инфраструктура и економска поврзаност.

Железничката инфраструктура е еден од клучните столбови на економската и транспортната поврзаност во Европа. Развиеноста на железничките мрежи во европските земји не само што овозможува ефикасно движење на луѓето и стоките, туку и игра значајна улога во одржувањето на економската конкурентност. Но, која европска земја се истакнува со најдолга и најразвива мрежа? И како  Македонија се позиционира во споредба со своите соседи од регионот?

Според податоците на европската статистичка агенција Еуростат, Германија со импресивни 38.691 километри железнички линии e на врвот на европската скала по вкупна должина на железнички линии. По неа следат Франција (27.597 km), Украина (21.640 km), Полска (19.539 km) и Италија (16.832 km).

Земјите со пократки железнички мрежи во Европа вклучуваат Португалија (2.527 km), Ирска (2.045 km), Грција (1.822 km), Луксембург (271 km) и Лихтенштајн, чија железничка мрежа е долга само 9 километри.

Кога станува збор за земјите од Западен Балкан, Србија има железничка мрежа од 3.382 километри и е значително поразвиена од своите соседи.

Хрватска има 2.617 километри железница, Босна и Херцеговина има 1.025 километри, Македонија има 683 километри, додека Албанија има само 252,95 километри железница. Црна Гора е на самото дно со 250,5 километри, покажуваат податоците на агенцијата Евростат.