
Споениот празничен викенд многумина од граѓаните на Македонија го искористуваат за кратко бегство од секојдневието, при што Грција традиционално останува најпопуларна дестинација. Илјадници луѓе одлучуваат велигденските празници да ги минат на грчкото крајбрежје, уживајќи во топлото време и морската атмосфера.
Во моментов, според сликите од камерите на граничните премини, може да се забележат колони возила кои чекаат за влез во Грција. На граничниот премин Богородица според видеоснимката се гледаат колони автомобили кои чекаат за излез од земјата.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно суви коловози.
На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци, можна е појава на поситни одрони.
ЈП Македонијапат апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.
АМСМ известува дека отпочнува времена измена на сообраќајот на автопат А1, делница Демир Капија – Смоквица од 17.4.2025 г. до 31.5.2025 г., поради изведба на реконструкција на десната тунелска цевка на Тунел Т2. Десната тунелска цевка на тунел Т2 е целосно затворена за сообраќај, а сообраќајот е целосно пренасочен во левата тунелска цевка.