
Apple го губи пазарот во Кина – седми квартал со намалување на уделот
Испораките на паметни телефони на Apple во Кина паднаа за 9 отсто во првиот квартал од оваа година, во споредба со претходната година. Apple беше единствениот голем производител кој забележа пад на побарувачката во тој период, покажуваат податоците на аналитичката компанија IDC.
Apple го држи петтото место на кинескиот пазар на паметни телефони, а меѓу јануари и март забележа пад на испораките на само 9,8 милиони, што значи дека Apple сега падна на пазарен удел од 13,7 отсто во Кина, во споредба со 17,4 отсто во претходниот квартал. Ова е седми квартал по ред како пазарниот удел на Apple паѓа во Кина.
За споредба, лидерот на пазарот Xiaomi имаше скок во испораките за 40 проценти, испорачајќи 13,3 милиони телефони во првиот квартал. Генерално, пратките на сите производители бележат пораст од 3,3 отсто.
Аналитичарот на IDC, Вил Вонг, објасни дека структурата на премиум цените на Apple ја спречи американската компанија да ги искористи предностите на владините субвенции воведени во јануари, кои драстично го поттикнаа растот на продажбата во првиот квартал од оваа година. Владината програма за субвенционирање има за цел да ја поттикне домашната потрошувачка, а за паметните телефони и некои други електронски производи, купувачите можат да добијат 15 отсто поврат на вредноста на производот, под услов да чинат помалку од 6.000 јуани (820 долари).