Kрај на една ера во светот на бизнисот, клучната фигура на Светскиот економски форум заминува: Клаус Шваб поднесе оставка

Претседателот на Бордот на директори на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Клаус Шваб, поднесе оставка од таа функција. Како што соопшти СЕФ, одборот на институцијата со седиште во Женева го назначи Питер Брабек-Летмат за привремен претседател.

Одборот на директори му оддаде признание на Шваб за неговите достигнувања, наведувајќи дека тој „создаде водечка глобална платформа за дијалог и напредок“.

Како што објави „Тајмс“, Шваб, кој беше основач на СЕФ, заминува во пензија на 87 години, а организацијата го започна изборот на нов претседател.

Според овој весник, Шваб бил синоним за организацијата што ја основал во 1971 година.

Шваб, како што е наведено, веднаш се повлекува од функцијата претседател на одборот на директори, помалку од една година откако поднесе оставка од функцијата извршен претседател на СЕФ по повеќе од пет децении во таа улога.

Лидерите од политиката, бизнисот, финансиите, како и од академијата, добротворните организации и уметноста се собраа на годишниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, откако Шваб, професор на Универзитетот во Женева, претседаваше со првиот собир од 440 учесници во 1971 година.

Сега на годишниот состанок на СЕФ во јануари присуствуваат околу 2.750 лидери.