
„Светската економија функционира и покрај изразената неизвесност поради ескалацијата на царинските војни“, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.
Глобалната економска интеграција извлече многу луѓе од сиромаштија и го подигна стандардот на светско ниво, но не сите се победници во тој процес, некои заедници се „приземјени“ поради заминувањето на работните места во странство, објасни првиот човек на ММФ.
Понудата на евтина работна сила ги задржа платите, а прекините во глобалните синџири на снабдување ги зголемија цените, ја цитира Хина нејзината изјава.
Тарифите и нетарифните бариери создадоа негативен впечаток кај луѓето за мултилатералниот систем, кој не обезбедуваше еднакви позиции за сите.
Нерамнотежата во трговијата ги подгреа тензиите, а дополнителен фактор е аргументот за националната безбедност, рече Георгиева, посочувајќи дека „во мултиполарен свет можеби е поважно каде се произведуваат стоките отколку што е нивната цена“.
Конфликтот меѓу големите економии се прелева и во помалите земји, нагласи таа. На тој начин, бранот царини ќе ги пренасочи стоките во други земји и „некои сектори“ би можеле да бидат преплавени со евтин увоз, додека други би можеле да се соочат со недостиг.
ММФ значително ќе ги намали прогнозите за раст, најави таа, но на економијата не ѝ се заканува рецесија.
„Гледаме дека реалната економија функционира, пазарите на труд сè уште се прилично силни, а финансискиот систем сè уште се држи и покрај големата нервоза.
Важно е двете водечки економии во светот да ја намалат неизвесноста и да постигнат договор за поправеден трговски систем заснован на правила, рече Георгиева.











