
Швајцарскиот фармацевтски гигант Рош денеска објави дека во следните пет години ќе инвестира 50 милијарди долари во своето работење во Соединетите Американски Држави.
Извршниот директор на Roche, Томас Шинекер, рече дека инвестицијата ја покажува нејзината „долгогодишна посветеност на истражување, развој и производство во САД“.
Како што се наведува, инвестицијата ќе отвори повеќе од 12.000 работни места во Америка, од кои 1.000 во самата компанија, а останатите во поддршка на нови производствени капацитети.
Фармацевтската компанија ќе инвестира пари во создавање нови локации за истражување и развој (R&D), истовремено зајакнување и проширување на производствените капацитети во Индијана, Пенсилванија, Масачусетс и Калифорнија.
Новата локација за истражување и развој во Масачусетс ќе се користи за истражување на вештачката интелигенција (ВИ) и ќе функционира како истражувачки центар за кардиоваскуларни, бубрежни и метаболички третмани.
Компанијата Рош прецизираше дека на крајот на овој инвестициски циклус ќе извезува повеќе лекови од САД отколку што увезува.
Компанијата исто така изјави дека веќе вработува повеќе од 25.000 луѓе во САД, пренесува CNBC.
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе нови царини за фармацевтската индустрија, а многу големи компании како Novartis и AstraZeneca претходно најавија дека ќе го зголемат своето присуство во САД за да ги избегнат најавените мерки.