
Електричните возила победија во речиси секоја категорија на годинешното издание на World Car Awards кои беа доделени во Њујорк
Најпрестижните автомобилски награди – World Car Awards – годинава беа свечено доделени на Автомобилскиот саем во Њујорк. Настанот доби навистина глобален карактер, а интересно е што повеќето од победниците не се нудат на американскиот пазар.
Главната награда – Светски автомобил на годината за 2025 – ѝ припадна на електричната Kia EV3. Компактниот SUV успеа да ги победи силните конкуренти BMW X3 и Hyundai Inster, обезбедувајќи ѝ ѝ на Kia втора последователна победа по минатогодишниот триумф со EV9.
Иако сè уште не се продава во Америка, EV3 се очекува да пристигне наскоро – освен ако трговските тарифи не создадат проблеми. Првите тестови на моделот веќе покажуваат солиден потенцијал.
Volvo EX90 го освои трофејот за луксузен автомобил
Во категоријата за Светски луксузен автомобил за 2025 година, титулата ја однесе Volvo EX90. Електричниот SUV со скандинавска естетика успеа да ги надмине двата силни претставника на Porsche – Macan и Panamera.
EX90 располага со батерија од 111 kWh и двомоторен погон со 402 КС (300 kW) и 769 Nm вртежен момент. Забрзува до 100 km/h за 5.7 секунди, а автономијата изнесува до 499 km.
Hyundai Inster е најдобар електричен автомобил
Електричната офанзива продолжува и со победата на Hyundai Inster / Casper Electric во категоријата Светски електричен автомобил. Малиот градски кросовер со 113 КС (85 kW) е популарен претежно на источните пазари, каде се нуди како достапна, но практична опција.
Светски урбан автомобил: BYD Seagull
Кинескиот BYD Seagull (познат и како Dolphin Mini) ја освои титулата Светски урбан автомобил. Со цена под 10.000 долари и досег од до 405 km во Seagull Intelligent Driving верзијата, овој модел ја отсликува новата ера на достапна електрична мобилност.
Volkswagen ID. Buzz е Дизајн на годината
Во категоријата за Светски автомобилски дизајн, наградата отиде кај Volkswagen ID. Buzz – електричниот ван инспириран од култниот Microbus. Иако моделот е веќе неколку години на пазарот, жирито го оцени како еден од најзначајните дизајнерски придонеси во последно време. Конкуренција му беа Kia EV3 и новиот Toyota Land Cruiser.
Porsche 911 GTS е перформанс модел на годината
Единствениот неелектричен автомобил кој освои награда годинава беше Porsche 911 GTS – добитник во категоријата Светски автомобил за перформанси. Со нов хибриден погон кој комбинира турбо бензински 3.6-литарски мотор и електромотор, моделот испорачува 532 КС (397 kW) и 608 Nm. Забрзува до 100 km/h за само 2.9 секунди и достигнува максимална брзина од 312 км/ч.
Овогодишните World Car Awards јасно покажуваат дека електрификацијата ја обликува иднината на автоиндустријата – не само од аспект на ефикасност, туку и кога станува збор за дизајн, достапност и перформанси. Од нови имиња како BYD до легенди како Porsche, сите се натпреваруваат на истата електрична патека.
Преземено од Avtoplus.mk