ЕУ ги казни Епл со 500 милиони евра, а Мета со 200 милиони евра поради кршење на законот

Европската комисија утврди дека компанијата „Мета“ ја прекршила обврската од Законот за дигитални пазари на ЕУ (ДМА) со тоа што на потрошувачите не им нуди избор на услуга што користи помалку нивни лични податоци, како и дека „Епл“ не се усогласила со ДМА во врска со понудата на нејзините управни услуги.

Како што соопшти портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение, поради ова Комисијата на „Мета“ ѝ изрече парична казна од 200 милиони евра, а на „Епл“ од 500 милиони евра.

Според наодите на Еврокомисијата, „Мета“ не ја почитувала одредбата од ДМА дека големите онлајн платформи кои имаат статус на „чувари на портата“, мора да бараат согласност од корисниците за комбинирање на нивните лични податоци со услугите што ги нуди. Според Законот, оние корисници кои нема да дадат согласност за ова, мора да имаат пристап до помалку персонализирана, но еквивалентна алтернатива.

ЕК утврдила дека во ноември 2023 година „Мета“ вовела модел на рекламирање „согласи се или плати“, според кој, корисниците на Фејсбук и Инстаграм од ЕУ имаа избор или да се согласат на користење на нивните лични податоци за добивање на персонализирани реклами или да платат месечна претплата за услуга без реклами.

Комисијата утврди дека овој модел не е во согласност со ДМА, бидејќи на корисниците не им го дава потребниот специфичен избор да се одлучат за услуга што користи помалку нивни лични податоци, а е еквивалентна на услугата со „персонализирани реклами“.

По забелешката на ЕК, лани во ноември „Мета“ воведе нова верзија на овој модел, која според тврдењето на компанијата, користи помалку лични податоци за прикажување реклами. Во моментов Комисијата ја проценува оваа нова опција, а казната што ја изрече се однесува за периодот до ноември 2024 година.

Покрај ова, ЕК реши да и го одземе статусот на „чувар на портата“ на платформата Мета Маркетплејс, бидејќи е утврдено дека лани таа имала помалку од 10.000 деловни корисници во ЕУ, што е еден од условите за добивање ваков статус.

Од друга страна, според ЕК, „Епл“ не ја почитувала обврската од ДМА да им дозволува на креаторите на апликации што ги дистрибуираат своите производи преку „ЕпСторе“, бесплатно да ги информираат клиентите за алтернативните понуди.

Како дел од денешната одлука, Комисијата му нареди на „Епл“ да ги отстрани техничките и комерцијалните ограничувања и да се воздржи од продолжување на неусогласеното однесување во иднина.

Покрај ова, Комисијата реши и да ја затвори истрагата против „Епл“ за почитување на обврските да им дава можност на корисниците во ЕУ лесно да ги деинсталираат сите софтверски апликации и да ги менуваат стандардните поставки на иОС, како и да можат да го избираат стандардниот веб-прелистувач. Ваквата одлука е донесена откако „Епл“ ја обезбеди ваквата можност за своите корисници.