Николоски: Третиот оператор ќе донесе конкуренција, инвестиции, работни места и подобри услуги

Се засилуваат напорите за реформа на телекомуникацискиот пазар во Македонија, каде што доминираат само два мобилни оператори. Владата, преку Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), веќе ја започна процедурата за доделување на лиценца за трет мобилен оператор – чекор што треба да донесе свежа конкуренција, поквалитетни услуги за граѓаните и нови инвестиции. Вицепремиерот Александар Николоски, во гостување во емисијата „360 степени“, ја потврди цврстата определба на Владата да го раздвижи застојаниот пазар и да стави крај на досегашниот дуопол, кој, според него, не нуди соодветна вредност за корисниците.

“За жал во овие 8-9 месеци откако ние сме Влада, направија се да докажат на цела јавност дека има потреба од трет оператор. Го држат дуополот помеѓу себе, нема никаков натпревар помеѓу себе, не понудија никакви подобри услуги. Патувајте низ државата, половина држава мрежа нема или ви се губи мрежата. Да не зборувам за потценувачкиот однос кој што го имаат кон петте национални приватни телевизии и кон регионалните телевизии, каде што од граѓаните наплаќаат за кабелска телевизија, а на овие телевизии, иако имаат законска обврска, не им исплаќаат ништо. Така што направија се, за да веќе никој нема дилема дали треба или не треба да има трет оператор и АЕК веќе започна процедура за тендер за лиценца за трет оператор. Тоа е добро од повеќе причини. Прво ќе добие пари државата, некаде лиценцата е помеѓу 8 и 12 милиони евра. Второ ќе добие директна инвестиција државата, ќе се отвараат работни места и трето според мене најважно, ќе добие конкуренција затоа што во моментов конкуренција нема, двата оператори дејствуваат како еден”- истакна вицепремиерот Николоски.

Тој истакна дека покрај “4IG”, веќе имало заинтересираност од уште еден мобилен оператор од Романија.