
Европската централна банка (ЕЦБ) сè уште има простор за постепено намалување на каматните стапки, изјави гувернерот на Банката на Франција и член на Управниот совет на ЕЦБ Франсоа Вилерој де Гало.
Зборувајќи за радио RTL, тој потсети дека моменталната годишна инфлација во Еврозоната е 2,2 проценти, што е многу блиску до целта на Европската централна банка за потиснување на инфлацијата на два проценти.
Гувернерот на Банката на Франција истакна дека светот доживува период на голема неизвесност предизвикана од трговската политика предводена од американскиот претседател Доналд Трамп.
„Политиките на администрацијата на Трамп ѝ штетат на американската економија, а за жал и на остатокот од светот. Протекционизмот не функционира, тој го забавува растот и ја забрзува инфлацијата“, рече де Гало.
Тој, исто така, изрази верување дека трговските војни нема да влијаат на трендот на инфлација во Европа и верува дека Франција и Европа не се загрозени од рецесија, пренесува Ројтерс.
Основното сценарио на Банката на Франција предвидува дека периодот на инфлација ќе заврши без да се западне во рецесија, додава де Гало.
На 17 април, Европската централна банка ја намали каматната стапка на депозитите на 2,25 проценти, а изворите веруваат дека во јуни ќе следи уште едно намалување на стапката, според британската агенција.











