
Извршниот директор на групацијата „Голдман Сакс“, Дејвид Соломон, изјави дека верува оти ситуацијата на пазарите ќе се смири и покрај (геополитичката) неизвесност што доведе до забавување на банкарската активност.
– Ако нивото на неизвесност се зголеми, да, нема да видите иста количина на капитална активност, но работите ќе се смират – изјави Соломон за Блумберг и додаде:
– Луѓето мора да вршат трансакции, мора да собираат капитал, им е потребна ликвидност за своите инвестиции. Дел од ова е само ресетирање на очекувањата.
Тој предупреди дека сегашното ниво на политичка неизвесност е нездраво за јавниот и приватниот пазар, во кои неговата компанија има сè поголем удел.
Соломон предупреди дека отпуштањата веројатно ќе се зголемат бидејќи раководителите на компаниите даваат приоритет на управувањето со трошоците оваа година.
– Досегашните политички акции го подигнаа нивото на неизвесност на ниво кое мислам дека не е здраво за инвестиции и раст. Додека разговарам со извршни директори, со нашите клиенти, гледам дека тие се воздржуваат од инвестиции и секако го стегаат ременот – рече Соломон.
Соломон, кој рече дека бил охрабрен од она што го слушнал од Министерството за финансии на САД за ублажување на банкарските регулативи, исто така се осврна на регулативата во Европа, каде што голем пакет стимулации во Германија ги зголеми надежите за раст во регионот.
Инаку, њујоршката банкарска корпорација „Голдман Сакс“ во својот последен извештај ја зголеми веројатноста за рецесија во Соединетите Американски Држави во следните 12 месеци од 35 на 45 проценти.











