Украина и САД потпишаа договор за минералите и основање инвестициски фонд за реконструкција

САД и Украина конечно го потпишаа договорот за ретки минерали по неколку месеци тензични преговори, што на Американците ќе им даде пристап до украинските енергенси и минерални ресурси. Според него, тие ќе го делат профитот од идната продажба на украинските природни ресурси и ќе се формира инвестициски фонд за реконструкција, што треба да ја помогне економската обнова на Украина по војната со Русија.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека двете страни со ова ја искажаа својата посветеност кон траен мир и просперитет на Украина. Во исто време, Киев го гледа договорот како суштински за пристап до американската воена помош.

Се верува дека Украина располага со огромни резерви на критични минерали, како графит, титаниум и литиум, кои денес се многу барани.

„Новоформираниот американско-украински Инвестициски фонд за реконструкција ја признава значајната финансиска и материјална поддршка што САД ѝ ја даваат на Украина од почетокот на руската инвазија. Договорот ќе помогне да се отклучат средства за раст на Украина. Ниедна држава и поединец кои ја финансираат или снабдуваат руската воена машинерија нема да имаат корист од обновата на Украина“, соопшти американското министерство за финансии.