Кинеските производители ја зголемија продажбата на plug-in хибридни возила во ЕУ

Кинеските производители на автомобили, вклучувајќи ги BYD и Chery, почнаа да продаваат повеќе плаг-ин хибридни возила во Европската Унија за да избегнат увозни царини за електрични возила произведени во Кина, според истражувачката фирма Rho Motion.

Овие два бренда продадоа 3.269 и 757 plug-in хибридни возила (PHEV) во ЕУ во март, што е голем пораст во споредба со јули минатата година кога речиси и да немаа продажба и кога за прв пат беа воведени привремени тарифи.

Царините на ЕУ до 45,3 проценти за кинеските електрични возила (BEV) стапија на сила во ноември 2024 година за да се спречи порастот на увозот на евтини автомобили. Соочени со нарушувања предизвикани од американските царини, ЕУ и Кина преговараат за ублажување на европските царини.

Но, во меѓувреме, производителите на електрични возила како BYD и Leapmotor ја изменија својата европска стратегија за да се прилагодат на царините на ЕУ и побавното масовно усвојување на електрични возила во Европа. Во вторник, BYD објави дека ќе воведе уште два PHEV модели во Германија оваа година.

BYD плаќа царина од 27,5 проценти за електричните возила што ги продава во ЕУ и 10 проценти за плаг-ин хибридните возила. Ова значи дека плаќа 10.257 евра за секое електрично возило Atto 3 што го продава во Германија. Тој плаќа 3.999 евра за хибридниот Seal U plug-in.

Во март 2025 година, продажбата на BEV возила на компанијата во ЕУ се зголеми повеќе од двојно на 4.633 во споредба со март 2024 година, а продажбата на PHEV возила порасна од нула на 3.269, објави Ројтерс.

„ Chery“, кој исто така плаќа основен данок од 10 проценти и дополнителен данок од 21,3 проценти за електрични возила (BEV), продаде 310 електрични возила и 757 плаг-ин хибридни возила. Од друга страна, SAIC се соочува со највисока царина за BEV од 35,3 проценти, но не ја зголеми продажбата на PHEV толку многу, според Rho Motion.

„Беше само прашање на време кога производителите ќе пронајдат нов начин да влезат на тој пазар, а сега одлучија да го сторат тоа преку хибриди“, рече Диди Босток, уредник за членство во Rho Motion.

Фото: Pixabay