За десетина дена стартува милионска инвестиција во Скопје – ќе се вработат над 200 луѓе

За помалку од две недели почнува со работа нова фабрика за бела техника, инвестиција вредна милиони евра, која ќе вработи повеќе од 200 луѓе.Премиерот Христијан Мицкоски вчера ја најави оваа капитална инвестиција, која целосно ќе биде ориентирана кон извоз, отворајќи нови можности за македонската економија и пазарот на труд. А ова е само почеток – следуваат уште поголеми проекти во Штип.

Новата милионска инвестиција со над 200 вработувања што ја најави вчера премиерот Христијан Мицкоски ќе се реализира во индустриската зона во Скопје. Треба да стартува за 10-12 дена, а се работи за производство на бела техника која целосно ќе биде наменета за извоз.

Како што рече денеска Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања во рамки на посетата на Општина Штип, се работи на уште две инвестиции во зоната во Штип, како и на проширување на една од постоечките што севкупно ќе значи вложување од неколку стотици милиони евра и преку 1.000 вработувања.

-Мислам дека многу скоро од денеска ќе има многу убави вести за жителите на Штип и околината. Инвестиците во Штип не би ги кажувал, две од трите не се дел од автомобилската индустрија, а третата која ќе ги проширува кашацитетите е од автомобилската индустрија, истакна Мицкоски.

Премиерот очекува кон крајот на јуни или во почетокот на јули да бидат ставени темелите на инвестицијата во енергетиката од половина милијарда долари што беше најавена лани.