Европските извозни компании се сè повеќе загрижени за силното евро

Европските компании полека почнуваат да го вклучуваат алармот поради силното евро, кое оваа година по доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа, значително зајакна во однос на доларот, што создава дополнителен притисок врз извозниците по проблемите со царинските давачки.

На пример, германскиот производител на софтвер SAP, производителот на автомобили Porsche, пивото Heineken и францускиот Schneider Electric се меѓу компаниите кои ги предупредија инвеститорите дека нивните резултати би можеле да бидат погодени од силното евро, кое достигна највисоко ниво во последните три години.

Силното евро ја поткопува конкурентноста на европскиот извоз и дополнително го влошува шокот предизвикан од царините, вели Робин Винклер, главен економист во Дојче банк.

Аналитичарите во HSBC оваа недела ги намалија прогнозите за раст на профитот за компаниите кои се дел од индексот FTSE Europe, предупредувајќи дека силното евро би можело значително да влијае на нивните заработки во странство.

Иако многу компании се обидуваат да се заштитат од валутниот ризик, долгиот период на силно евро не може, а да не остави трага врз профитот и приходите.

Главниот финансиски директор на SAP Доминик Асам изјави дека секое зајакнување на еврото за 0,01 долар ги намалува нивните годишни приходи за 30 милиони евра.

„Хајнекен“ објави дека порастот на вредноста на еврото во однос на другите валути, вклучувајќи го и мексиканското песо, би можел да ја намали неговата годишна прилагодена нето добивка за 180 милиони евра.
Во случајот на производителот на електрична опрема „Шнајдер Електрик“, годишните приходи може да бидат пониски за 1,25 милијарди евра поради послабиот долар.

За „Порше“, северноамериканскиот пазар е втор по големина пазар, а неговиот главен финансиски директор Јохен Брекнер им изјави на новинарите дека последиците од силното евро сигурно ќе се почувствуваат, објавува „Фајненшл тајмс“.

Германската компанија за производство на порцирани или делумно подготвени оброци HelloFresh ги пресмета прогнозите за оваа година врз основа на курсот од 1,04 долари за евро, па така курсот од 1,14 долари за евро би можел да ја намали оперативната добивка за 28 милиони евра.

Неколку големи банки очекуваат еврото дополнително да се зајакне откако во април достигна рекордно високо ниво од 1,157 долари во последните три години. Стратегот за валути во „Банк оф Америка“, Атанасиос Вамвакидис, тврди дека вредноста на еврото дополнително е зголемена од пакетот мерки за економски стимул на германската влада.

„Пазарот беше премногу оптимистички кога стануваше збор за САД, а премногу песимистички кога стануваше збор за Европа“, рече Вамвакидис, кој очекува еврото да зајакне на вредност од 1,17 долари до крајот на годината.