
Поминаа седум години од именувањето на Анита Ангеловска Бежоска за гувернер на Народната банка, а нејзиниот мандат официјално завршува на 22 мај. Во очекување на ново име или евентуален реизбор, вниманието на јавноста е насочено кон претседателката Гордана Силјановска Давкова, која според законската процедура треба да достави предлог до Собранието. Меѓу најсериозните кандидати се споменуваат поранешните министри за финансии Зоран Ставревски и Трајко Славевски, двајца економисти со богато искуство.
Според извори на Сител, во трка се и актуелната гувернерка Бежоска Ангеловска, како и Маја Кадиевска Војновиќ, со искуство во банкарството и членство во надзорни одбори, која исто така важи за кандидат со релевантен профил.
Според законските одредби, гувернерот на Народната банка се избира на мандат од седум години, со можност за уште еден последователен мандат. Предлогот за нов гувернер го доставува Претседателот на државата, а за да биде изгласан во Собранието потребна е поддршка од најмалку 61 пратеник.
Доколку институциите не се усогласат навреме и не се избере нов кандидат, актуелниот гувернер продолжува да ја извршува функцијата сè додека не се назначи наследник.











