
На светските пазари, цените на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти минатата недела, што е нивно прво неделно зголемување од средината на април.
Цената на барел на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 4,3 проценти, на 63,90 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 4,7 проценти, на 61,02 долари.
На почетокот на минатата недела цените на нафтата нагло паднаа бидејќи осум производители од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), предводени од Саудиска Арабија, се согласија да го зголемат производството во јуни за 411 илјади барели дневно.
Но, до крајот на неделата, цените на нафтата ги надоместија тие загуби, бидејќи трговците се надеваат дека најголемите економии во светот ќе избегнат рецесија, со оглед на тоа што трговската војна, која ја започна американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на април со воведување на реципрочни тарифи, се смирува.
Договор меѓу САД и Велика Британија
Трговците беа охрабрени од трговскиот договор меѓу САД и Велика Британија, што е прв таков договор откако Трамп воведе царини.
Најважното нешто во договорот е дека Велика Британија ќе ги намали царините за увоз на американски производи од просек од 5,1 на 1,8 проценти, додека царините за увоз на британски производи во САД ќе останат на 10 проценти.
Тоа ги поттикна надежите на трговците за ублажување на тензиите меѓу САД и Кина на разговорите за време на викендот во Швајцарија.
И Пекинг и Вашингтон сакаат да ги намалат тензиите и тоа има позитивен ефект врз пазарите, но веројатно нема да се постигне договор толку брзо, проценуваат аналитичарите.











