Apple планира да ги зголеми цените на iPhone

„Епл“ размислува за зголемување на цените за претстојната есенска линија на „Ајфони“, но компанијата сака да избегне поврзување на какво било зголемување со американските царини за увоз од Кина, каде што се склопуваат повеќето уреди, објави „Волстрит џурнал“.

Акциите на технолошкиот гигант пораснаа за 7% во претпазарното тргување, следејќи го растот на поширокиот пазар откако Вашингтон и Пекинг се согласија во понеделникот привремено да ги намалат реципрочните тарифи. Но, кинескиот увоз сè уште ќе биде предмет на царина од 30% во САД.

„Епл“ е меѓу најистакнатите компании кои ги чувствуваат последиците од трговските тензии меѓу САД и Кина, кои се интензивираа во последните месеци по серијата царини иницирани од американскиот претседател Доналд Трамп. Зголемувањето на цената би можело да ѝ помогне на „Епл“ да ги компензира повисоките трошоци што произлегуваат од царините што ги нарушија глобалните синџири на снабдување и ја принудија компанијата да префрли поголемо производство во Индија.

„Епл“ претходно овој месец изјави дека се очекува царините да ги зголемат трошоците за околу 900 милиони американски долари и дека поголемиот дел од iPhone-ите продадени во САД во тој период ќе доаѓаат од Индија.

Аналитичарите со месеци шпекулираат за зголемувањето на цените на Apple, но предупредуваат дека таков потег би можел да ја чини Apple пазарен удел, особено затоа што конкурентите како Samsung се обидуваат да ги привлечат потрошувачите со функции за вештачка интелигенција што Apple бавно ги воведува.

Најевтиниот модел на iPhone 16 беше лансиран во САД по цена од 799 долари, но би можел да чини и до 1.142 долари поради царините, според проекциите на „Розенблат секјуритиз“ минатиот месец, кои велат дека цената би можела да се зголеми за 43%.