Се очекува ново зголемување на цената на кафето

Цената на суровото кафе на светскиот пазар доживеа драматичен скок во последните неколку месеци, двојно зголемувајќи се за рекордно кратко време.

Ова нагло зголемување на цените е резултат на комбинација од неколку неповолни фактори, меѓу кои водат лошите временски услови во земјите кои се клучни производители, како и најавата за американски царини кои би можеле дополнително да го потресат пазарот, пренесува Biznis.rs.

Бразил и Виетнам, кои се сметаат за најголеми производители на кафе во светот, се соочија со сериозни проблеми со производството поради сушата и високите температури. Зголемената побарувачка за кафе во региони како Европа, САД и Кина, исто така, придонесува за зголемување на цените.

Цените на кафето го достигнаа врвот во февруари, кога беа највисоки од 1977 година – кога силен мраз уништи голем дел од производството во Бразил.

Во март, суровото кафе со среден квалитет чинеше повеќе од двојно повеќе од цената во септември претходната година. Кога станува збор за посебни видови кафе, кои се одгледуваат во специфични климатски услови за да се добие уникатен вкус, цените беа уште повисоки.