Македонски трговци од 1 јуни ќе можат да снабдуваат 1.000 потрошувачи од Косово со електрична енергија

Македонските дистрибутери и продавачи на електрична енергија ќе имаат шанса од 1 јуни да снабдуваат нови 1000 корисници од косовскиот пазар, каде што започнува следната фаза на либерализација на пазарот со електрична енергија, објавија денеска од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Ова беше причина, како што се наведува во соопштението, РКЕ да иницира средба, на која косовскиот регулатор пред македонските дистрибутери и продавачи ги презентираше чекорите како полесно да влезат на пазарот кај нив.

„Откако ги презедовме сите неопходни активности како регулатори и извршивме взаемно признавање на лиценците за снабдување и трговија, сега сакаме компаниите да ги мотивираме да ја искористат оваа можност. Поголем пазар, носи поголема конкуренција, а бенефитот е пониски цени за електрична енергија“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ. „Сега за помалку од еден месец, односно од 1 јуни ќе бидат на располагање дополнителни 500 GWh со кои ќе може да се тргува на слободниот пазар на Косово и ова е одлична бизнис можност за нашите снабдувачи и трговци“, посочи Бислимоски.

Претседателот на косовскиот регулатор – Канцеларија на енергетскиот регулатор од Република Косово (ЕРО) Имер Фејзулаху им посака добредојде на македонските дистрибутери, нагласувајќи дека тие имаат повеќе искуство со оглед на тоа што македонскиот пазар е одамна либерализиран. „Ова е само меѓу чекор кон приклучување кон единствениот пазар кој го бара од нас Европската Унија. Во прилог на сите ни е да има намалени административни бариери, а зголемена конкуренција“, изјави Имер Фејзулаху од ЕРО – Канцеларија на енергетскиот регулатор од Република Косово (Energy Regulatory Office), стои во соопштението.

За да се зголеми конкурентноста на пазарите во двете држави, РКЕ и ЕРО во 2023 година потпишаа Меморандум за соработка со кој взаемно се признаваат лиценците за снабдување и тргување со електрична енергија.