Саудиска компанија ќе инвестира 20 милијарди долари во вештачка интелигенција во САД

Саудиска компанија ќе вложи дваесет милијарди американски долари за градење на инфраструктура поврзана со вештачка интелигенција во САД, соопшти  Белата куќа, додека претседателот Доналд Трамп престојува во Ријад како дел од неговата обиколка на Блискиот Исток.

Саудиската фирма DataVolt „продолжува со своите инвестициски проекти во износ од 20 милијарди долари во центри за податоци и енергетска инфраструктура поврзана со вештачката интелигенција“, информираа од Белата куќа.

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша низа спогодби за економска и билатерална соработка со неговиот саудиски домаќин, принцот Мохамед бин Салман,  во Саудиска Арабија, на почетокот од четиридневната турнеја на Блискиот Исток.

Меѓу другото, беше објавено дека Саудиска Арабија ќе набави најсовремена воена опрема од САД во вредност од 142 милијарди долари.

Компанијата Data Volt, исто така, објави технолошки договори со вкупна вредност од 80 милијарди долари, меѓу кои се Google, софтверските компании Oracle и Salesforce или полупроводничкиот гигант AMD.