
Обвинителот од Милано, Паоло Сторари, поднесе барање за ставање на модната компанија „Валентино груп“ под судска управа во траење од една година поради експлоатација на вработените и загрозување на безбедноста при работа, кое судот го прифати.
Судот утврди дека „Валентино Бегс Лаб“, која произведува чанти и патни предмети под брендот „Валентино“, го доверила производството на кинески фирми во Италија кои експлоатирале работници, според пресуда од 30 страници што ја прегледал „Ројтерс“.
Судот во Милано ја прогласи компанијата за одговорна за тоа што не ги следела соодветно своите добавувачи со цел да оствари поголем профит.
Тој во барањето наведува дека компанијата добила „голема економска корист“ од активностите на кинеските претприемачи кои „во голема мера ја експлоатираат работата на своите сонародници“, а безбедноста на овие работници е загрозена поради „отстранувањето на безбедносните уреди од машините и неправилното складирање на хемиски и запаливи материјали“.
Судиите го прифатија барањето, а одделот за превентивни мерки на судот во Милано објави дека добавувачите на брендот „целосно избегнуваат директни даноци“ и „даноци поврзани со трошоци на вработените“, како што се придонеси и осигурување од несреќи, објавува Раи.
Барањето за судска управа е поднесено по истрагите во седум фабрики управувани од кинески државјани, каде што се пронајдени „услови за експлоатација на работници“.
Судот сега ќе назначи надворешен администратор кој ќе провери дали компанијата ги исполнува сите барања на судиите во врска со воведувањето на ефикасни механизми за контрола на нејзиниот синџир на снабдување.
Валентино во соопштението изјави дека ќе соработува со властите за подобро да разбере што довело до овие мерки.











