
Суфицитот во меѓународната трговија на еврозоната со остатокот од светот изнесуваше 36,8 милијарди евра во март годинава, што е зголемување во споредба со истиот месец минатата година кога изнесуваше 22,8 милијарди евра, покажуваат првите проценки на Евростат. Во Европската Унија (ЕУ), суфицитот изнесуваше 35,3 милијарди евра, додека минатата година изнесуваше 22,3 милијарди.
Извозот на стоки од еврозоната кон остатокот од светот изнесуваше 279,8 милијарди евра и беше за 13,6 проценти повисок на годишна основа, додека увозот изнесуваше 243 милијарди евра, што е за 8,8 проценти повеќе во споредба со март 2024 година.
Статистичарите наведуваат дека суфицитот во меѓународната трговија на еврозоната се должи на суфицитот во групата хемикалии и сродни производи од 42,8 милијарди евра, за 19,6 милијарди евра повеќе на годишно ниво. Машините и возилата, исто така, придонесоа за суфицитот со зголемување од 1,3 милијарди евра во март 2025 година во споредба со истиот месец минатата година.
Од друга страна, кај енергетските производи е забележан дефицит, во износ од 800 милиони евра на годишно ниво. Во исто време, намалување е забележано кај другите произведени стоки, храната и пијалоците и суровините во износи од 2,7 милијарди евра, 1,6 милијарди евра или 600 милиони евра.
Во првиот квартал од 2025 година, еврозоната забележа суфицит во меѓународната трговија од 62 милијарди евра, што е зголемување во споредба со истиот период минатата година кога овој суфицит изнесуваше 55 милијарди евра. Извозот на стоки од еврозоната во периодот од јануари до март се зголеми за 7,8 проценти на годишно ниво на 761,5 милијарди евра, а увозот за 7,4 проценти на 699,5 милијарди евра.
Трговијата во рамките на еврозоната се зголеми на 658,2 милијарди евра во првите три месеци од оваа година, што е за 1,2 проценти повеќе во однос на истиот период во 2024 година.
Во март 2025 година, извозот на стоки надвор од ЕУ изнесуваше 254,8 милијарди евра, што е за 15,2 проценти повеќе на годишно ниво, а увозот изнесуваше 219,5 милијарди евра, што е за 10,4 проценти повеќе.











