
Во доцниот дел на јуни се очекува повторно да биде воспоставена фериботската рута од Солун до Спорадите, односно островите Скијатос, Скопелос и Алонисос, која ќе функционира за време на летната сезона, извести дописничката на МИА од Атина.
Градоначалникот на Скијатос, Тодорис Ѕумас, преку социјалните мрежи објави дека „по неколкумесечни напори, одобрено е финансирање на поморското поврзување помеѓу Солун и северните Споради“.
Како што пренесуваат медиумите од Солун, финансиските средства за оваа конкретна рута ќе бидат обезбедени од регионите Централна Македонија и Тесалија. Се очекува наскоро да започнат тендерските постапки, а министерот за морство, Василис Кикиљас, вчера телефонски го известил градоначалникот на Скијатос за донесената одлука.
“Заедно со градоначалниците на Солун и Скопелос, долго време се бориме за отпочнување на бродската линија и оваа година. Се надеваме на што е можно поскоро започнување на линиите што го поврзуваат Солун со Скијатос, Скопелос и Алонисос, со цел да им бидат на располагање на жителите на северна Грција и да дадеме туристички поттик на северните Споради“, потенцираше Ѕумас за информативниот портал „Вориа“.
Според најавите, се очекува оваа година фериботската линија да започне порано од претходната година, при што првиот ферибот би требало да исплови околу 20-ти јуни, додека минатото лето беше воведена во употреба во јули.
Се предвидува дека траектите од Солун до трите острови ќе сообраќаат во текот на целото лето, до септември.