БДП на земјите од ОЕЦД порасна за само 0,1 процент во првиот квартал

Бруто домашниот производ (БДП) во земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) порасна за 0,1 процент во првиот квартал од 2025 година, што е забавување во однос на 0,5 проценти во претходниот квартал.

Оваа бројка претставува отстапување од повисоките и релативно стабилни стапки на раст забележани во зоната на ОЕЦД во последните две години, се вели во соопштението на организацијата во четврток, пренесува агенцијата Анадолија.

Вкупната стапка на раст на БДП, исто така, се забави за земјите од Г7 во периодот јануари-март, од 0,4 на 0,1 процент.

Во Јапонија, економијата се намали за 0,2 проценти во првиот квартал од растот од 0,6 проценти во претходниот квартал, поради зголемување на увозот од 2,4 проценти.

Во САД, БДП исто така се намали, од 0,6 проценти на минус 0,1 процент, бидејќи увозот на стоки се зголеми за 10,8 проценти во првиот квартал.

„Растот на увозот на стока во САД, веројатно под влијание на очекуваните промени во трговските тарифи, беше главниот фактор што го попречуваше растот“, се вели во соопштението.

Во меѓувреме, растот исто така забави во Канада на 0,4 проценти во првиот квартал од 0,6 проценти.

Од друга страна, растот на БДП во Велика Британија малку се забрза на 0,7 од 0,1 проценти, главно поради зголемувањето на инвестициите.