Царинската управа во соработка со инспекциските служби од денеска со серија работилници пред бизнисмените ќе ги презентира новините при вршење инспекциски надзор поврзан со царинските постапки.
Кампањата започна денеска во Скопје, а ќе трае во текот на овој и наредниот месец со одржување на работилници во Битола, Струмица, Гостивар и Штип.
Од Царинската управа истакнуваат дека идејата е преку предлози од бизнис заедницата да се поедностави и олесни царинската постапка и издавањето на потребните одобренија и лиценци.
„Она што компаниите сакаат да се постигне е координација при вршење на конролите меѓу инспекциските служби и Царинската управа и избегнување од преклопување на различни дозволи што ги издаваат различни институции, а се однесуваат на ист вид стока“, изјави Ѓорѓи Наумовски, началник на Одделението за анализа на ризик во Царинската управа.
Предлозите од компаниите изнесени на овие работилници ќе бидат доставени до соодветните институции со цел доколку се оправдани да се имплементираат како законски измени.