
Прометот во малопродажниот сектор во Грција беше обележан со стагнација во првиот квартал од оваа година, а кумулативните ефекти од инфлацијата од изминатите години имаа силно влијание врз однесувањето на потрошувачите, па затоа Грците сè повеќе посегнуваат по купување половна стока, според грчката статистичка служба ЕЛСТАТ.
Во последните три години има значителен пад на приходите, па така малопродажниот сектор забележа раст на прометот од само 0,6 проценти, во споредба со истиот квартал минатата година.
Во 27 од вкупно 43 малопродажни сегменти е регистриран пад на прометот, според ЕЛСТАТ, а објави „Катимерини“.
Заклучокот дека потрошувачите купуваат помалку за да ги покријат трошоците за основни потреби, како што е храната, се потврдува и со фактот дека најголем раст на прометот од 33,4 проценти е забележан кај продажбата на стоки на улични тезги, додека продажбата на половна стока оствари зголемување од 30,7 проценти.
Според ЕЛСТАТ, најновите податоци за периодот од јануари до март годинава покажуваат дека во секторот за малопродажба на стоки е остварен промет од 16,16 милијарди евра, што е само 0,6 проценти повеќе во однос на претходната година, кога изнесуваше 16,07 милијарди.
Најголем пад на прометот е регистриран во сегментот на продажба на автомобили, каде што падна за 3,6 проценти, по што следуваат месните производи и преработки, како и продажбата на овошје и пекарски производи, додека продажбата на електронски уреди и мобилни телефони бележи пад на прометот од дури 14,6 проценти, пренесува Танјуг.











