
Во текот на денешната 52-ра седница на Собранието, пред пратениците ќе се најде Предлогот за назначување на гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија.
За нов гувернер е предложен универзитетскиот професор Трајко Славески од Економскиот факултет во Скопје, кој треба да ја наследи досегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска.
За избор на Славески се потребни 61 глас, односно обично мнозинство. Славески во моментов е претседател на Советот на Град Скопје, а претходно ги извршуваше должностите министер за развој и за финансии.
Мандатот на Славески ќе трае седум години, а предлогот тој да биде иден гувернер го поднесе претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова. Пред да ја донесе одлуката, таа разговараше со кандидатите за гувернер, а во соопштението објавено по изборот напиша дека изборот меѓу кандидатите бил тежок и дека се водела од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.
„Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати“, посочија од Кабинетот на претседателката.











