
Агенцијата за управување со субвенции од ЕУ, меѓу кои и финансиската помош за земјоделството во Грција (ОПЕКЕПЕ), ќе биде распуштена со одлука на грчката Влада, а нејзините должности ќе бидат пренесени во Самостојната управа за јавни приходи (ААДЕ). Ова беше одлучено на состанок свикан од грчкиот премиер, по обемната истрага за измама што ја спроведува Европското обвинителство, извести дописничката на МИА од Атина.
Од кабинетот на грчкиот премиер изјавија дека по напорите за внатрешна модернизација на ОПЕКЕПЕ, кои не ги дадоа очекуваните резултати, „Владата, во соработка со европските власти и посветена на создавање транспарентен и интегриран систем за плаќање, пријателски настроен кон земјоделците, одлучно го решава проблемот“.
„Пораката е јасна: Системот за земјоделска поддршка и плаќања влегува во нова ера, ставајќи дефинитивно крај на децениските лоши практики и патологии што ги лишуваа доследните земјоделци од ресурси и можности“, соопштија од кабинетот на Мицотакис, и објаснија дека процесот на префрлање на надлежностите на ОПЕКЕПЕ во Самостојната управа за јавни приходи започнува веднаш, а целта е целосната интеграција да биде завршена во втората половина на 2026 година.
Според извештаите на грчките медиуми, пред десетина дена Европскиот јавен обвинител, придружуван од 20 службеници од антикорупциската единица на грчката полиција, изврши проверка во седиштето на ОПЕКЕПЕ, при што беше откриена широко распространета шема со лажни барања за пасишта, кои се користеле за измамничко добивање земјоделски средства од ЕУ.











