
Најновите резултати од истражувањето на Евробарометар, објавени денеска, покажуваат дека вкупно 52 проценти од Европејците имаат верба во ЕУ, што претставува највисоко ниво забележано во последните 18 години. Дополнително, 74 проценти од граѓаните ја поддржуваат европската валута, што е досега највисока регистрирана поддршка за заедничката европска валута.
Во анализата од истражувањето на Евробарометар се истакнува: “Во сегашниот геополитички контекст, Европејците би сакале да видат посилна ЕУ преку заедничка политика за одбраната и безбедноста, додека мирот останува вредност што најдобро ја претставува ЕУ.”
Како што пренесува дописникот на МИА од Брисел, анкетата бележи најголемо ниво на доверба во ЕУ од 2007 година наваму, со 52 проценти од Европејците кои изразуваат доверба. Кај младите на возраст од 15 до 24 години, таа бројка достигнува 59 отсто. Еврокомисијата исто така ужива доверба кај 52 отсто од испитаниците, што претставува значително повисоко ниво на поддршка во споредба со националните институции. Во владите во нивните матични земји доверба имаат 36 отсто од Европејците, а во националните парламенти – 37 проценти.
Високи 75 проценти од анкетираните лица се изјасниле дека се чувствуваат како граѓани на ЕУ, што е највисоко ниво забележано во последните две децении, а 62 проценти од нив гледаат оптимистички на иднината на Унијата. Рекордни 74 проценти од граѓаните на целата ЕУ ја поддржуваат европската валута, а на ниво на Еврозоната, оваа доверба е уште поголема и достигнува 83 проценти.
Во однос на перцепцијата за состојбата на европската економија, 44 проценти од Европејците ја оценуваат како “добра”, додека 48 отсто сметаат дека е “лоша”. Сепак, само 43 отсто од испитаниците веруваат дека европската економска состојба ќе остане стабилна во наредните 12 месеци.
И покрај тоа, 69 проценти од анкетираните гледаат на Европската Унија како на “место на стабилност во еден проблематичен свет”, а 88 отсто се залагаат за поголема соработка меѓу земјите и регионите во светот заснована на правила. Високи 86 проценти од Европејците сметаат дека зголемувањето на царините е штетно за глобалната економија, а 80 отсто се согласуваат дека ЕУ треба да воведе реципрочни царини за заштита на своите интереси.
Заедничката одбранбена и безбедносна политика на ЕУ ја поддржуваат 81 отсто од анкетираните, што е највисока стапка од 2004 година, додека 78 проценти изразуваат загриженост за одбраната и безбедноста на ЕУ во следните пет години.
Во однос на приоритетите за буџетот на ЕУ, 43 отсто од европските граѓани би сакале најголем дел од него да се насочи кон трошоци за одбрана и безбедност, 42 проценти за вработување, социјална заштита и здравство, а 34 проценти за образование, млади, култура и медиуми.
Според 39 отсто од Европејците, на среден рок ЕУ треба да се фокусира на безбедноста и одбраната, според 29 на зајакнување на одбраната, а по 24 проценти на миграцијата и на заштитата на климата и животната средина.
Што се однесува до тоа што би имало најголемо позитивно влијание врз нивниот живот на краток рок, 44 отсто од анкетираните се определиле за обезбедување мир и стабилност, 27 проценти за обезбедување храна и здравствена заштита, а 26 отсто за повеќе можности за вработување. На прашањето која вредност најдобро ја претставува ЕУ, 41 отсто се изјасниле за мирот, 33 за демократијата, а 28 проценти за почитувањето владеењето на правото, демократијата и основните права.
Високи 80 проценти од Европејците сметаат дека ЕУ треба да ги прифати лицата кои бегаат од војна, 76 отсто ја поддржуваат финансиска и хуманитарна поддршка за Украина, а 59 проценти се согласуваат со европско финансирање на набавката и снабдувањето со воена опрема за земјата.
Во врска со надворешно-политичките приоритети на ЕУ, за 27 отсто од анкетираните тоа е руската инвазија врз Украина, по што следуваат меѓународната ситуација со 24 и безбедноста и одбраната со 20 проценти. Дури 77 отсто од испитаниците Европејци сметаат дека руската инвазија врз Украина претставува закана за безбедноста на ЕУ.
Анкетата е спроведена во периодот од 26 март и 22 април 2025 година и со неа биле опфатени 26,368 граѓани на земјите членки на ЕУ, на девет од десетте кандидати и потенцијални кандидати за членство (сите освен Украина) и на Велика Британија.











