
Граѓаните на Венеција се собираат за да протестираат против венчавката на основачот на Амазон, Џеф Безос, и неговата избраничка, Лорен Санчез, што ќе го доведе градот до блокади од 24 до 26 јуни.
„Венеција не е на продажба“ и „Нема место за Безос“ – ова се само некои од слоганите што можат да се видат деновиве во тој град, а кои го покажуваат незадоволството на граѓаните кои се сведоци дека градот сè повеќе се гледа „како еден вид забавен парк“ и „работи што можат да се изнајмат“, а не како жив, вистински град што има свој секојдневен живот и свои жители.
Џеф Безос резервираше пет луксузни хотели со пет ѕвездички за своите 200 ВИП гости, како и за речиси сите такси во лагуната.
За тридневната венчавка, иако сè е сè уште „строго доверливо“, за која на јавноста ѝ се кажува дека ќе биде погламурозна од венчавката на Лејди Дајана, Безос, чие богатство се проценува на околу 200 милијарди долари, се потрошени десет милиони.
Сепак, граѓаните на Венеција, под слоганот „Нема простор за Безос, нема простор за олигарси“, веќе се собраа на 30 мај за да го изразат своето незадоволство од тоа како се гледа и се третира Венеција во последно време.
На нивните социјални мрежи може да се прочита дека се против настанот што целосно ќе го блокира градот неколку дена. Многу места ќе бидат затворени, сите такси се резервирани, а голем број воени лица ќе бидат присутни во градот за безбедноста на гостите.
„За оние од нас кои живеат во Венеција, тоа е вистинска суспензија на животот во град кој со години е жртва на масовниот туризам. Венеција повторно е трансформирана во забавен парк за милијардери, додека ние кои живееме тука мора да ги трпиме последиците секој ден“, наведуваат граѓаните на Венеција.
Симбол на ултрабогатиот еден процент
Тие додаваат дека Безос не е само сопственик на Амазон и приватната вселенска компанија Блу Ориџин, туку и дека е симбол на тој еден процент од ултрабогатите – наспроти 99 проценти од останатите жители на планетата. „Тој не се претставува само себеси, туку и сè што претставува финансиската и технолошката олигархија: експлоатација, концентрација на моќ, контрола на територии и животи.“
Незадоволните граѓани подвлекуваат дека сакаат да се спротивстават на експлоатацијата на Венеција и доаѓањето на лице кое, како што тврдат, „претставува систем кој ги експлоатира работниците во сите делови од светот и претставува моќ концентрирана во рацете на мал број ултрабогати, моќ која им е дадена благодарение на богатството стекнато на сметка на другите“.
Тие го критикуваат и градоначалникот Луиџи Брунијардо, за кого велат дека „си ги трие рацете“ затоа што Венеција ќе биде центар на светската елита и на кого, велат, „не му е гајле“ за жителите.
И додека градоначалникот на Венеција, кој се бори против прекумерниот туризам во градот со воведување билети кои оваа година се 10 евра за секој што ќе го посети градот само за еден ден без ноќевање, тврди дека свадбата нема да биде проблем за градот кој веќе беше домаќин на два самити на Г7, граѓаните велат решително „не“ повикувајќи на протести до почетокот на свадбената церемонија.