Надежта за договор меѓу САД и Кина го поттикна Волстрит

Акциите пораснаа на Волстрит во вторник, близу до рекордни максимуми, бидејќи инвеститорите се надеваа дека САД и Кина ќе постигнат трговски договор.

Индексот Дау Џонс доби 0,25 проценти, на 42.866 поени, додека S&P 500 порасна за 0,55 проценти, на 6.038 поени, а индексот Nasdaq за 0,63 проценти, на 19.714 поени. Во фокусот на инвеститорите вчера беа разговорите меѓу водечките американски и кинески трговски претставници во Лондон, кои траат од понеделник.

Инвеститорите се надеваат на договор што би ги вратил трговските односи во нормала. Во април, американскиот претседател Доналд Трамп воведе високи царини за увоз на кинески производи, што предизвика трговски тензии и нагло опаѓање на цените на акциите на светските берзи.

Сепак, минатиот месец, трговските претставници на САД и Кина се согласија на состанок во Швајцарија дека ќе преговараат. Ова ги намали тензиите меѓу двете најголеми економии во светот, па цените на акциите на Волстрит и другите светски берзи се опоравија.

Благодарение на ова, индексите на Волстрит се приближија до своите рекордни нивоа, постигнати во февруари. Се очекува договор меѓу Вашингтон и Пекинг, а царинските давачки ќе бидат намалени. Затоа, пазарните вреднувања се враќаат на нивоата на кои беа пред воведувањето на реципрочните царини на Трамп“, рече Скот Ладнер, директор во Horizon Investments.

И на европските берзи, тргувањето беше претпазливо. Лондонскиот индекс FTSE зајакна за 0,24 проценти, на 8.853 поени, а парискиот CAC се зголеми за 0,17 проценти, на 7.804 поени. Франкфуртскиот DAX, од друга страна, се лизна за 0,77 проценти, на 23.987 поени.

Фото: Pixabay