Евтините копии на Дубаи чоколадо опасни по здравјето

Купувачите во Велика Британија кои сакаат да го пробаат популарното чоколадно слатко познато како „Дубаи чоколадо“ би можеле да се изложат на сериозен здравствен ризик, предупреди Агенцијата за безбедност на храната (FSA) на Велика Британија.

Станува збор за десерт што комбинира ф’стаци и крцкаво тесто од катаифи, а го создала Сара Хамуда, британско-египетска чоколатерка од Дубаи. Слаткото стана вирално минатата година, но сега се појавија сомнителни копии што содржат забранети адитиви и опасни хемикалии – вклучувајќи прехранбени бои забранети од ЕУ и Велика Британија, токсини од мувла, па дури и супстанции што предизвикуваат рак.

FSA предупредува дека овие копии немаат валидни етикети, се од сомнително потекло и можат да бидат особено опасни за луѓето со алергии.

На клиентите им се препорачува:

да купуваат само од проверени продавачи
да ги читаат декларациите
да обрнат внимание на етикетите на англиски јазик
и да проверат дали адресата на дистрибутерот во Велика Британија или ЕУ е наведена на пакувањето
Анафилактичниот шок е најопасната последица – состојба што може да доведе до прекин на дишењето и смрт ако не се лекува навреме. Симптомите вклучуваат вртоглавица, отежнато дишење, забрзан срцев ритам и губење на свеста. Најранливи се децата со алергии, а родителите честопати не се подготвени за итен одговор.