Македонците го бираат хрватското приморје – нема интерес за берба во Србија

И оваа сезона Хрватска е најатрактивна дестинација за нашите сезонски работници. Во моментов регуларно над 13.500 Македонци работат на хрватското приморје, а се проценува дека бројката е многу поголема. Хрватските работодавачи нудат одлични услови, сместување и храна. Платите во угостителството се движат од 1.000 за келнер до 2.800 евра за кувар.

Но, за разлика од Хрватска нема интерес за работа во Србија и Албанија и покрај тоа што на нашите работници не им треба работна дозвола. Србија има констатен дефицит на работна сила, а на Албанија освен работници во угостителството и требаат и работници во земјоделството кое последниве години многу се разви.

-Иницијативата „Отворен Балкан“ не профункционира. Нашите пазари на труд се премногу ограничени за да има слободна миграција на работна сила. Причините се од техничка и од етничка природа. Албанија е исклучена од старт поради јазичната бариера. И таму одат многу малку Македонци, бидејќи платите се малку повисоки од нашите и нема голем интерес. Најчесто одат оние кои знаат албански јазик и работат во угостителството или како собарки во хотели. Србите многу малку одат на работа во Албанија, бидејќи нивните плати се повисоки, а во Македонија доаѓаат само оние кои тука имаат бизниси. Од друга страна, пак Србија има константен дефицит на градежни работници и на работници во земјоделството, но нема интерес од нашите работници да одат таму на печалба, изјави за „Локално“, Зоран Кочовски директор на Агенцијата за посредување при вработување во странство „Коузон“.

Целиот текст на Локално.мк

Фото: Pixabay